Веќе триесет години Република Северна Македонија, не поседува официјална статистика за бројот на активни доброволни противпожарни друштва, нивните човечки и материјално-технички  капацитети. Ваквото непостоење на релевантни информации е резултат на неактивноста на надлежната институција – Републичкиот противпожарен сојуз на Република С. Македонија (РППС), при што остави голем простор за шпекулација и манипулација со бројките на активни  ДПД во РСМ. Оваа ситуација, има директни импликации врз креирањето на безбедносните противпожарни политики во државата од страна на надлежните државни чинители, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) на Република Северна Македонија (РСМ).

Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, поттикнато од ваквата состојба во противпожарниот сектор во РСМ, во период од 01 до 06 месец 2021 година во рамките на проектот  „Доброволните противпожарни друштва, активни општествени чинители!!!“, го објавува „Извештајот и адресарот на доброволните противпожарни друштва во РСМ“ .

Целта на извештајот е да ја детерминира реалната состојба во секторот, преку мапирање и идентификување на реално активните ДПД, нивните човечки и материјално-техничките капацитети со кои располагаат, заради нивно идно вмрежување за подобро застапување пред релевантните државни безбедносни институции ДЗС и ЦУК, во насока за градење на модерен, стабилен и функционален доброволен противпожарен сектор во државата, како еден од најсуштествените за безбедноста на целокупната заедница и заштита на природата.

Во овој извештај се презентирани и анализирани ставовите на законските застапници и други релевантни претставници на доброволните противпожарни друштва во РСМ, преку прибирање на  точни адресни податоци и актуелната  состојба во која се наоѓаат друштвата, од аспект на човечкиот и материјално-техничкиот потенцијал.

Студијата е издадена во печатена форма на македонски јазик и е јавно достапна на веб страницата на ДПД Свети Николе  https://dpd.org.mk и може да се преземе од линкот подолу.

 

ПРЕЗЕМИ ДОКУМЕНТ