Круцијалниот момент за формирање на ДПД е големиот пожар во 1928 година што го зафатил северниот дел од градот, поточно во така нареченото „ѓорчеванско маало“, при што истиот предизвикал огромни материјални штети на граѓаните: изгорени куќи, племњи, штали и други добра. Повторно пожар со поголем интензитет е евидентиран во 1934 година, исто така предизвикувајќи големи материјални штети, но за среќа во двата големи пожари не се регистрирани човечки жртви. Увидувајќи ја потребата од организиран пристап за справување со пожарите, тогашната напредна младина, трговци, занаетчии и земјоделци, иницираат собрание на 15.04.1935 година за формирање на ДПД. За прв претседател е избран поп Томо Павиќевиќ, секретар Миле Костов – срески писар, а прв Командир Миле Шаќиров. Идејата за организиран пристап за локализирање на пожарите, справување со поплави, земјотреси и останати елементарни непогоди, превземање на соодветни превентивни акции за опасностите при настанувањето на сообраќајните несреќи, со цел изградба на модерен, стабилен и одржлив противпожарен систем во општина Свети Николе и пошироко на територијата на Република Македонија, како и подигнувањето на јавната свест на граѓанството, а посебно на младата популација за опасностите од пожарите, останатите елементарни непогоди и сообраќајните несреќи се главни двигатели на активностите на ДПД до денес.